• A-
  • A
  • A+
сабота, 20 април 2024, 

Сугарески и Китанов на увид во градежните работи на автопатот Штип - Миладиновци

Сугарески и Китанов на увид во градежните работи на автопатот Штип - Миладиновци

Штип, 17 Септември 2018 (МИА) - Пролонгирано е пуштањето за сообраќај на автопатот Штип - Миладиновци, за половина месец, поради дополнителни градежни работи и врнежите од дожд. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов, градоначалниците на Штип и на Свети Николе, Благој Бочварски и Сашко Велковски, денеска направија увид на градежните работи.

- Сите работи што излегоа како проблеми минатиот период беа коригирани, беа санирани. Така што во последните делови треба да се постави асфалт, значи станува збор за неколку километри, а можевте да забележите дека делови од автопатот може да бидат ставени и во функција, бидејќи и обележувањата и осветлувањата се направени. Во согласност со роковите што ги имаме, крајниот рок беше 30 септември, во согласност со временските услови што беа ќе има многу минимално пролонгирање. Градежните активности очекуваме дека во наредниот месец, до средината или крајот ќе бидат комплетно завршени, рече Сугарески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов, информира дека со министерот од Миладиновци до Свети Николе пристигнале возејќи се по автопатот, а проблемите се јавиле на делницата од Свети Николе до селото Кадрифаково, каде што веќе се тргнати далноводите, а се појавиле и две нови свлечишта, кои, како што вели, не биле третирани како што треба, односно да се испитуваат со геомеханика.

- Со големи напори се дојде до овој момент. Исто така, според укажувањата што ги имам од надзорот, пролетниот, па и почетокот на летниот дел и вие сте сведоци има евидентирано точно 35 врнежливи дена и тоа работни. Што значи дека ако денеска врнело, утре не можете да работите. Значи, некаде околу 50-60 дена навистина оперативите не можеле да работат на терен, а сите тие обилни дождови придонесоа да се јават и дополнителни две-три свлечишта, кои се санирани, кои се тргнати. Но, дополнителните градежни работи до крајот на месецот сите ќе бидат завршени, вели Китанов.

Претставници на ЈП „Македонски шуми“ беа на самото место заедно со Сугарески и Китанов за да се засадат багреми или други дрвја, кои ќе ги спречат свлечиштата.

Прашан, зошто изградбата на  експресниот пат Штип - Кочани оди забавено, во споредба со експресниот пат Штип - Радовиш, кој забрзано се гради, Китанов вели дека причината е недовршената експропријација на патот Штип - Кочани, но и исправањето, односно доведувањето во ред на проектната документација.

- Експресниот пат Штип - Радовиш почна да се гради со завршена експропријација од 98 проценти, а експресниот пат Штип - Кочани почна да се гради со експропријација од 7 проценти. Во меѓувреме засилено, со сите правни тимови појачани ја оттргнуваме и успеавме и таму да дојдеме до 90 %, за да може и таму забрзано да се работи и да се отстранат некои препреки, за кои некој во минатото дал дозвола за нешто што е неизводливо, а тоа е патот е нацртан да кажеме врз маркица за асфалтна база на кинески Синохидро, рече Китанов.

Штипскиот градоначалник Благој Бочварски рече дека се работи со одлична динамика на автопатот, кој ќе овозможи побрз проток на луѓе и на стока од источниот и југоисточниот регион.

- На мое огромно задоволство можам да кажам дека овој автопат е во самата завршница. Овој автопат е многу важен за целиот источен, но и за југоисточниот регион. Го добиваме првиот автопат во овој регион и се поврзуваме со главниот град. Секое вложено евро во автопатишта враќа три евра во бизнисите и во економијата, што значи дека ова е вистински начин и за развој на економијата, за привлекување инвестиции, домашни и странски, со што ќе го заживееме целиот регион, вели Бочварски. вдј/цр/13:55

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ