• A-
  • A
  • A+
понеделник, 04 март 2024, 

Присуство на нелегално малокалибарско оружје е голема закана по безбедноста

Присуство на нелегално малокалибарско оружје е голема закана по безбедноста

Скопје, 18 октомври 2018 (МИА) - Проценките се дека во регионот на Западен Балкан има помеѓу четири и шест милиони парчиња илегално мало и лесно оружје (МЛО). Како до побезбеден регион и сеопфатна контрола на илегалното оружје е целта на иницијативата покрената од Германија и Франција, во рамки на Берлинскиот процес на состанок во Трст.

Скопје денеска беше домаќин на состанокот на оваа заедничка француско-германска иницијатива за координација на донатори во врска со нелегалната трговија со огнено оружје во Западен Балкан на која беа разгледани активностите на македонските надлежни институции кои произлегуваат од иницијативата.

- На денешниот состанок со министерот за внатрешни работи и тимот експерти од РМ беше искажана силна политичка волја и констатиран е прогрес, но се уште треба многу да се работи во целиот регион со сите влади. Затоа ги спроведуваме овие локални координативни состаноци. Силниот дијалог со локалните влади и координацијата со донаторските организации и донаторски држави - партнери ќе ни овозможи да бидеме сигурни дека ќе се надополнуваме меѓу себе, дека ќе бидат избегнати непотребни удвојувања на напорите и дека ќе помогнеме  преку засилена поддршка од нашите организации околу новите проекти што се потребни, рече  Жан-Клод Брине, претставник на Франција, која е кодомаќин на состанокот,

Брине, кој е амбасадор за транснационални криминални закани и борба против недозволена трговија со МЛО при француското Министерство за Европа и надворешни работи, посочува дека на овој состанок, меѓу другото, требаше да се идентификуваат областите каде земјата ќе има бенефит од меѓународната помош во борбата против илегалното малокалибарско оружје.

Претставникот на Германија, Маркус Блеинрот, директор за контрола на конвенционалното оружје при германското Министерство за надворешни работи, се осврна на патоказот, кој е подготвен и треба да се користи како стратегија за тоа како да се стави нелегалната трговија со МЛО во регионот под контрола. Целта на иницијативата е вели и подобра контрола на границите против илегалната трговија и јакнење на капацитете на праводуството.

- Се уште има големи количества оружје во регионот, илегална трговија со оружје, но исто така гледаме и дека регионот има култура на користење оружје при веселби, кои не ретко завршуваат со фатални последици, гинат невини луѓе. Потребно е да се промени и чувството на потреба од поседување оружје заради лична заштита. Како земја која сака да биде дел од ЕУ, треба да ги транспонирате европското  во домашното законодавство со што нема да имате потреба од оружје повеќе. Се надеваме дека во контекст на оваа наша иницијатива илегалната циркулација на оружје може значително да се намали и дека можете да станете нормална земја како другите во ЕУ каде нема да имате потреба од оружје, а и при веселбите може да не се користи борбена муниција, вели Блеинрот.

На 11 декември, Франција ќе биде домаќин на конференција на високо ниво во Париз за да се разгледаат резултатите од донаторските координативни состаноци, да се презентираат локалните акциони планови за имплементација на Регионалниот план и да се идентификуваат донаторските придонеси за негово финансирање.

Кон крајот на 2019 година, Германија ќе биде домаќин на мониторинг конференција во Берлин, кога ќе се разгледа првата година од имплементацијата на Регионалниот план и на националните акциони планови. вг/ев/18:31

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ