• A-
  • A
  • A+
сабота, 20 април 2024, 

ЗОК го одбележа Денот на единицата во кумановската касарна „Боро Менков“

ЗОК го одбележа Денот на единицата во кумановската касарна „Боро Менков“

Куманово, 17 октомври 2018 (МИА) - Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, Здружената Оперативна Команда (ЗОК), со воена свеченост го одбележа денот на единицата.

На свеченоста присуствуваше и началникот на генералштабот на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски, кој ги истакна признанијата за успесите на ЗОК во вежбите, мисиите, постигнатите стандарди во обука, ангажирање при природни непогоди, потенцирајќи дека со секое достигнување и успех се збогатува историјата на АРМ.

Тој потенцираше дека денешниот датум е значаен за македонската историја, чии ностители на традицијата се припадниците на ЗОК, кога во 1878 година е кренато македонското-кресненско востание и чии придобивки мора да се негуваат и надградуваат.

- Да продолжиме со континуирана работа, посветеност и меѓусебно почитување. Да ги оставруваме нашите обврски во исполнување на она што од нас го очекуваат граѓаните на Македонија, рече Ѓурчиновски.

Командантот на ЗОК, генерал мајор Павле Арсоски во говорот пред присутните нагласи дека денеска се одбележуваат 140 години од почетокот на Македонското востание од Кресна и треба да се потсетат на придобивките од тој настан, идејата за создавање на независна и самостојна македонска држава, со сопствена војска.

Во говорот, тој оцени дека зад нив е успешна година и нагласи дека ЗОК со потчинетите команди, единици е столбот на АРМ. Зборувајќи за учеството во колективните одбранбени системи, поддршка на МВР во справувањето со мигрантската криза и поддршката на државните и локалните институции во кризни состојби, Арсоски истакна дека очекува планот за обуки и вежби до крајот на годината целосно да биде реализиран.

Припадниците на ЗОК, додаде учествувале и на две билатерални обуки со партнерите од САД и Словенија, а активно учествувале во 14 меѓународни вежби во рамките на НАТО, надвор од државата. ЗОК, додаде е навлезена во процесот на планирање на две меѓународни вежби, за 2019 година кои ќе ги организира Армијата на Р.Македонија.

- Стратешката определба на Македонија за интегрирање во НАТО и ЕУ се уште се наш предизивик. Во таа смисла АРМ мора да остане стабилна и посветена на исполнување на стандардите и активно да придонесува во вкупните државни заложби за оставрување на оваа цел. Сонот на Димитар Поп Беровски и востаниците за слободна Македонија е исполнет, а наша постојана обврска е да продолжиме по патот на успехот, а тој пат е евроатлантска интеграција, рече командантот на ЗОК.

На свеченоста беше прочитан и историскиот осврт за 17 октомври, денот кога е формиран штабот на Македонското-кресненско востание. На овој датум,1878 во селото Влахи, во близина на Кресна формирана е Здружената команда-Штаб на македонското востание,како команда за востаничките сили,а за нејзин началник бил назначен, Димитар Поп Георгиев Беровски.

Со одлука на Претседателот на Република Македонија 17.октомври е определен за ден на Здружената Оперативна Команда, како спомен на одбележување на значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата на Република Македонија.

Пред присутните беа прочитани телеграмите со честитики и наредбите за стимулативни мерки со кои беа наградени и пофалени неколкумина припадници на ЗОК по повод Денот на командата.

На свеченоста присуствуваа и државниот секретар во министерството за одбрана Драган Николиќ, генералите во АРМ, претставници од министерството за одбрана и ГШ на АРМ, команданти на единиците во АРМ, поранешни команданти на ЗОК, воени аташеи акредитирани во Република Македонија и претставници од локалната самоуправа. ам/нд/14:43

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ