• A-
  • A
  • A+
сабота, 20 април 2024, 

Министерот Спасовски во посета на реновираниот објект на ПО Зајас

Министерот Спасовски во посета на реновираниот објект на ПО Зајас

Скопје, 17 октомври 2018 (МИА) - Од сега вработените во Полициското одделение Зајас ќе работат во реконструиран објект, чија што реконструкција и санација е изведена со средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи. Објектот ќе биде надополнет со нова базна станица односно канцеларија за издавање лични документи за граѓаните.

Ова го изјавил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на реконструираниот објект на Полициското одделение Зајас, кичевско, кој е уште еден во низата реконструирани објекти во периодот од јуни 2017 година досега.

Во овој објект, соопшти денеска МВР, сменети се прозорците и вратите, поставена е нова електроинсталација и осветлување, извршена е санација на кровот, како и низа други градежно-занатски работи, со цел да се овозможат подобри услови за работа.

- Сакам да потенцирам дека како раководство на Министерството за внатрешни работи  стоиме цврсто зад сите наши најавени и  планирани активности во поглед на значителното подигање на функционалните стандарди на полициското работење на целата територија на државата. Имаме квалитетно срочена и прецизна програма, која, како што гледате, ја реализираме. Продолжуваме со подобрување на условите за работа на полициските службеници затоа што само со овозможување на подобри услови можеме да имаме и подобри резултати во работењето, а тоа значи и подобра безбедност за граѓаните, рекол Спасовски.

Во јуни минатата година, подвлекол министерот за внатрешни работи, затекнавме полициски станици кои беа во загрижувачка состојба, во кои полициските службеници работеа во субстандардни услови и веднаш преземавме активности за да ја поправиме состојбата односно да обезбедиме соодветни услови за работа. Еден од тие објекти е и полициското одделение Зајас. Во таа насока, информирал Спасовски, стои во соопштението, се продолжува со овие активности, а на ред се објекти во рамки на Секторите за внатрешни работи Велес и Битола, но и други објекти од полициската инфраструктура важни за квалитетно и непречено функционирање на полициските организациони единици. 

На средбата со раководството на СВР Охрид, се вели во соопштението, било потенцирано дека безбедносната состојба во овој регион е стабилна.

- Има намалување на криминалитетот за околу четири отсто споредено со истиот период минатата година и се преземаат мерки и активности за и овие резултати да бидат уште подобри, соопшти денеска МВР. цр/сд/13:15

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ