• A-
  • A
  • A+
сабота, 20 април 2024, 

Нови чизми за секој армиски припадник (видео)

Нови чизми за секој армиски припадник (видео)

Скопје, 8 октомври 2018 (МИА) - Членството во НАТО не ни е само политичка цел, туку и шанса македонската Армија да функционира подобро, а нејзините припадници да имаат подобри услови за работа. Денеска го потпишав Договорот со кој Армијата на Република Македонија ќе обезбеди нови 7.200 војнички чизми буквално за секој нејзин припадник.

Ова денеска го изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која пред почетокот на првиот студентски час се обрати на новата генерација питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. 

Шекеринска информира дека одлуката за јавна набавка веќе беше прикачена на системот за јавни набавки, а договорот е потпишан денеска. Се работи за домашна фирма, во доминантно хрватска сопственост. Ќе бидат обезбедени околу 7.200 чизми во вредност од околу 650.000 евра.

Изјава на Шекеринска

- Овој процес го почнавме на самиот старт на годината, низ транспарентна постапка, со технички дијалог, со шанса за сите фирми да учествуваат, рече Шекеринска и изрази задоволство што овој договор станува важечки.

Ваква набавка која, како што рече, ќе оди буквално до секој војник во Армијата досега не е реализирана. Последен пат војнички чизми се набавени со договор во 2012 година, но и тогаш за помалку од половина од припадницвите на АРМ. 

- Долго време важеше правилото дека Армијата на Република Македонија е секогаш тука кога и е потребно на државата, дека се грижи за сигурноста, безбедноста, стабилноста на нашата татковина. Но, често пати Република Македонија и нејзините институции заборават на потребите и на проблемите на Армијата. Владата го менува секој ден ова правило, рече Шекеринска. 

Потсети дека оваа година обезбедиле 15 отсто зголемување на средствата за буџетот на одбрана, ги зголемиле платите на сите припадници на АРМ, обезбезбедиле пари за целосно почитување на колективните договори и целосна исплата на сите дневници за 24-часовни дежурства.

Министерката за одбрана изјави дека согласно правилата во огласот за јавна набвавка, целосната испорака на чизмите треба да се случи во рок од 90 дена.  мд/дма/14:19

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ