• A-
  • A
  • A+
сабота, 20 април 2024, 

Поддршка од Финска за реформите и уставните измени

Поддршка од Финска за реформите и уставните измени

Скопје, 17 октомври 2018 (МИА)Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Финска, Мати Антонен, денеска, на средба со премиерот Зоран Заев изрази поддршка на реформскиот процес во Македонија.

Според Антонен, заокружувањето на реформите во фаза на очекување на почетокот на отворањето на претпристапните преговори со ЕУ е олеснување за државата, бидејќи ефикасното затворање на потребните поглавја во процесот, го скратува патот до полноправно членство.

Државниот секретар воедно посака успех на процесот што се води во Парламентот. 

- Фокусирани сме, низ инклузивен и конструктивен процес во Парламентот да ја водиме постапката за промена на Уставот на Република Македонија, како дел од Договорот од Преспа и со тоа да го обезбедиме членството на нашата земја во ЕУ и во НАТО. Тоа ќе значи осигурена стабилност и безбедност за нашата држава и можности за развој на економијата и повисок животен стандард, рече Заев на средбата.

Објасни дека Владата е насочена и кон спроведување на потребните реформи што ќе овозможат подобар живот за граѓаните во својата земја, а се потребни и за пристапните преговори на Македонија кон ЕУ.

 

На средбата се споделени искуства и за функционирањето на области значајни за секојдневниот живот на граѓаните и за напредокот на државата. Нагласени се како важни добрососедските односи што водат кон напредок на државите.

- Се разговараше за значењето од вложувања во добро образование од рана возраст, за обезбедување подобра компетитивност при вработувањето и на компаниите. Антонен го сподели искуството на Финска во областа на енергетската ефикасност, нагласувајќи дека 40 отсто од енергијата во Финска се произведува преку обновливи ресурси, со амбиција за натамошен раст на оваа стапка. Премиерот Заев посочи дека и еден од приоритетите на Владата на Република Македонија со новиот Закон за енергетика е да се подобри значително енергетската независност и ефикасност на државата. Разговарано е и за начините за постигнување ефикасен здравствен систем, информира Владата. мч/ац/17:05

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ